Нора е млада и перспективна кошаркарка. Игра на позиција плеј мејкер, брзо и рационално размислува, клубот е нејзин втор дом, а преку кошарката созрева во животот. Советува да се спортува без разлика дали е тоа рекреативно или професионално, а таа во иднина се гледа на меѓународна кошаркарска сцена.
1.Кога за прв пат се запозна со кошаркарската игра ?
1.Уште од кога знам за мене сум со топка во рацете. Речиси секој ден заедно со моите другарчиња од основно, ја земавме топката и игравме на училишниот кош. Па, кога слушнав за отворањето на КК Петровски решив да се обидам да тренирам кошарка во кошаркарскиот клуб.

2.Кој е твојот прв кошаркарски ментор и како изгледаше твојот прв тренинг ?
2.Мои први ментори беа Кире Петровски и Никола Петровски. Првиот тренинг беше навистина интересен и како што поминуваше времето јас сѐ повеќе сакав да останам во салата. Со текот на времето менторите забележаа потенцијал во мене и уште повеќе ме мотивираа да продолжам со истото темпо.
3.Кои карактеристики треба да ги поседува една кошaркарка ? По што се одликува твојата игра на терен ?
3. Без разлика за кој спорт станува збор, секој спортист најважно е да биде посветен, упорен и да игра на теренот со љубов и желба. Кога се работи за тимски спорт исто така себичноста треба да е на минимално ниво и секој да биде вклучен во играта. А, кога сме кај мојата игра на терен, може да забележите дека до последниот здив останувам на теренот, се борам за тимот и безусловно ја сакам победата.
4.На која позиција настапуваш и кои карактеристики и квалитети се потребни за твојата позиција?
4. Јас играм на позиција плеј мејкер и можам да речам дека тоа е најодговорната позиција. Потребна е физичка подготвеност и цело време организирање на целиот тим. Брзината е клуч кога се работи за плеј мејкерот, но покрај физичката брзина треба многу брзо да работи и мозокот и да забележува сѐ што се случува на теренот. Би рекла дека плеј мејкерот е мозокот на тимот без кој е тешко да се функционира.

5.За кои клубови имаш настапувано во твојата кариера ?
5. Прво како што знаете играв за КК Петровски и секогаш ќе бидам дел од клубот, таму започна сѐ. Исто така играв и во дресовите на ЖКК Пелистер, две години настапував за ЖКК Струга и последната година во КК Пелистер АД. И покрај мојата повреда минатата година, со нетрпение чекам да се опоравам и повторно да се вратам на теренот.

6.Настапуваш за Кошаркарскиот клуб „Петровски“ од Битола. Колку си задоволна од сегашниот клуб и дали се натпреварувате во некоја од лигите која ги организира КФМ ?
6. Кога сме кај КК Петровски, нив им сум најблагодарна за тоа што сум денес. Од срце им се заблагодарувам за сѐ до сега и се надевам после мојата операција ќе ја продолжиме соработката каде што застанавме. Моментално не се натпреваруваме поради тоа што нема оформено женски тим, но јас ќе дадам сѐ од себе до наредната година тоа да не биде така.

7.Дали сметаш дека македонската женска кошарка има перспектива и дали им советуваш на девојчињата да спортуваат кошарка ?
7. Женската кошарка во секој случај има перспектива но во смисла на напредок, кај нас е катастрофална состојбата во женската кошарка гледајќи по репрезентативните резултати. Би им препорачала на младите задолжително да го пробаат овој спорт, ќе научат многу не само кошарка туку и за животот. Од женска кошарка во Македонија не може да се живее, барем до овој момент.
8.Дали размислуваш за интернационална кариера ?
8. Љубовта кон КК Петровски од ден на ден расте, и тешко ми е само од помислата да не сум дел од мојот втор дом. Но, како поминува времето и како што созревам, ги гледам работите од еден пореален аспект и сум подготвена да изградам интернационална кариера.

9.Кои се твоите кошаркарски идоли ?
9. Тешко ми беше да издвојам, но можам да речам дека идол ми е Стивен Кари.
10, Имаш ли освоени награди и постигнувања на кои си горда ?
10. До сега имам освоено голем број награди на државно ниво, пехари од општински кошаркарски случувања, признанија како златен кошаркар на натпревари од кошаркарски кампови. Исто така во 2018 бев меѓу 10те најдобри спортисти во Битола.

11.Кои се твоите идни планови и каква порака ќе им испратиш на нашите верни читатели на јависејужна.мк ?
11.Моите планови за во иднина се најпрво да се опоравам и што побрзо да се вратам на кошаркарскиот терен и да заиграм во дресот на мојот клуб Петровски. За крај јас би ги повикала помладите девојки да дојдат, не мора да се запишуваат, нека излезат на баскет нека се забавуваат, па дел од нив сигурна сум дека ќе ги фати мојот вирус. Спортувајте, играјте кошарка, ќе ве исполни со среќа и убави чувства.




