Работнички е победник на вечното македонско кошаркарско дерби! Во одлична атмосфера во СЦ „Јане Сандански“, екипата од „Градски парк“ го совлада актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром со убедливи 74:60 и ја продолжи својата победничка серија во МТЕЛ Суперлигата.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – РАБОТНИЧКИ 60:74
„Црвено-белите“ одиграа одлично второ полувреме, во кое ја презедоа контролата врз натпреварот и стигнаа до голема победа, прва во меѓусебните пресметки со големиот ривал по пауза од три години. Но, уште поважно, Работнички и по седмото одиграно коло останува со максимален ефект од седум победи.
МЗТ Скопје Аеродром подобро ја отвори втората четвртина. По минималната негатива од 16:17 по првите десет минути, домашниот состав направи серија од 10:0 и со поените на Војдан Стојановски стигна до најубедливото дотогашно водство од 26:17.Сепак, Работнички брзо се консолидираше и со серија поени успеа да се врати во натпреварот. Во 17. минута гостите намалија на 29:32, а иако МЗТ повторно се одлепи на шест поени разлика (38:32), тројката на Николов во последниот напад од првото полувреме донесе активни 38:35 за домаќинот.
Во продолжението следуваше целосен пресврт. Работнички го отвори второто полувреме со многу поагресивна игра, а по тројката на Ефремовски и серијата од 10:2, во која Елингсворт реализираше седум поени, гостите за првпат поведоа со 45:40.
Тоа беше сигнал за домашниот стручен штаб да побара тајм-аут, но Работнички продолжи во ист ритам. Со нова серија, овојпат од 17:4, „црвено-белите“ стигнаа и до двоцифрена предност (52:42), која до крајот на третата четвртина дополнително ја зголемија, за убедливи 56:44.Во последниот период гостите рутински ја контролираа предноста и не му дозволија на шампионот да се врати во натпреварот, за конечни 74:60 и големо славје во таборот на Работнички.
Ефремовски беше најефикасен во победничкиот состав со 17 поени, на кои придодаде шест скока и две украдени топки. Елингсворт оствари дабл-дабл учинок од 14 поени и 10 скока, додека Рикиќ заврши со 12 поени и девет скока.Кај МЗТ Скопје Аеродром, Мекиќ беше најдобар поединец со дабл-дабл од 16 поени и 11 скока, дополнети со шест асистенции, додека Војдан Стојановски постигна 10 поени.
По седум одиграни кола, Работнички останува на врвот со максимални седум победи (7-0), додека МЗТ Скопје Аеродром го запиша вториот пораз и има учинок од пет победи и два порази (5-2).



