Шеснаесетгодишниот Лео Созовски од Битола, со своите физички предиспозиции (висина 192 cm) и одлични кошаркарски вештини важи за голем кошаркарски талент во градот на конзулите, каде ги прави своите почетоци со кошаркарската топка. Од него во иднина многу се очекува и во дресот на неговиот тим КК Пелистер и во репрезентацијата на Македонија.
javisejuzna.mk: Здраво Лео. Ти си голем потенцијал на Битолската и Македонската кошарка и голем талент. Од каде ти се роди љубовта кон овој спорт.
Здраво, Ви благодарам. Љубовта кон кошарката ми се роди од најмали нозе, мојот татко е кошаркарски тренер и уште од многу мал ме носеше на тренинзи кога за прв пат ме привлече кошарката и почнав и јас да тренирам.

javisejuzna.mk: На колку години започна да се занимаваш со кошарка и кој е твој прв клуб и твој прв тренер ?
Со кошарка почнав да се занимавам уште од моја 5 годишна воздраст. Моите први чекори во кошарката ги направив во школата за мини кошарка КК Јуниор Баскет Битола, додека мој прв тренер беше мојот татко Предраг Созовски.
javisejuzna.mk: За кој клуб во моментов настапува Лео Созовски и како е задоволен од стартот на оваа сезона и своите игри ?
Моментално настапувам за КК Пелистер и КК Хераклеа, за кој играм на двојна лиценца. Со екипата на КК Пелистер М18 се квалификувавме во Прва лига, со што секако како екипа треба да бидеме задоволни, но секогаш може и подобро.

javisejuzna.mk: Дали имаш повици и за собирите на репрезентацијата на Македонија? Дали имаш официјален настап за репрезентацијата или сеуште чекаме на официјално деби.
Имам повици за собирите на репрезентацијата на Македонија, моето прво деби во националниот дрес беше на мои 13 години, на меѓународните турнири на ФИБА, заедно до под 16.

javisejuzna.mk: Во слободното време сакаш повеќе да гледаш Евролига или НБА ?
Во слободно време гледам и Евролига и НБА, меѓутоа повеќе ме привлекува Евролигата.
javisejuzna.mk: Кои се твои омилени кошаркари и во Македонија и надвор?
Мои омилени кошаркари од Македонија се Ненад Димитријевиќ, браќата Стојановски и секако моите повозрасни соиграчи од сениорската екипа на КК Пелистер, додека од надвор мои омилени играчи се Stephen Curry и Немања Недович.

javisejuzna.mk: Каде се гледаш во иднина , во кој познат клуб ?
За успех во одреден спорт потребна е напорна работа, се надевам дека еден ден ќе ги бранам боите на нашата репрезентација и би сакал да играм за КК Црвена Звезда.




