Сенад Бајрамоски пивотменот на РК Струга е еден од најзаслужните играчи кои минатата година помогна Стружани да се вратат во елитата по цели 15 години. Годинава покрај ракометот тој се запиша и на студии по медицина. Па во моментов е “Најдобриот ракометар помеѓу докторите или ако повеќе сакате најдобриот доктор помеѓу ракометарите” .
На колку години започна со ракомет и од каде љубовта за ракометот?
Ракомет почнав да тренирам на осумгодишна возраст, потик за тоа беа игрите со моите другари кои веќе тренираа, а подоцна со низа на тренинзи и посветеност во мене се појави жар и љубов кон ракометот.
Koи беа твоите први тренери кои те учеа на тајните на ракометната игра?
Еден од првите тренери ми беше Жарко Феруковски кој ме запозна како да чекорам низ ракометниот свет, а за подоцнежните вештини и успеси му препишувам заслуга и на Наум Танески.
Минатата година беше еден од главните играчи на РК Струга кои и донесоа пласман во Суперлигата после цели 15 години. Те прави ли горд тој успех и како го доживеа?
Бев горд на самиот себе и на сите мои соиграчи како и на целата публика која не бодреше да ја оствариме целта која долги години ја посакувавме. Тоа беше едно прекрасно доживување исполнето со многу емоции.
Годинава се запиша на студии по медицина. Ќе успееш ли да најдеш баланс помеѓу медицината и спортот? Како успеваш се да постигнеш ?
Благодарение на мојот труд, посветеност, самодисциплина, самодоверба, мотивација и желба за достигнување на моите поставени цели успеав да го пронајдам балансот и вешто да владеам и на двете полиња.
Кој е твој омилен пивотмен на светската ракометна сцена ?
Можам да кажам дека имам повеќе но ќе го издвојам Бјарте Мирхол, капитен на норвешката репрезентација,кој важи за еден од најквалитетните пивоти на ракометната сцена.
Порака за љубителите на спортот и читателите на www.javisejuzna.mk ?
На љубителите на спортот и читателите на www.javisejuzna.mk им посакувам истрајно следење на нивните интереси и спортските настани, како и голема благодарност за досегашната подршка.