Во првиот овогодинешен плејоф натпревар, Бафало Билс успеаја да ги совладаат Индијанаполис Колтс со 27-24.
За Билс, ова е прва победа во плејофот после серија од шест порази. Имено, последната победа на Бафало во доигрувањето датираше од 1995, кога беше совладан Мајами со 40-21.
На денешниот меч, Колтс имаа неколку прокоцкани шанси – неуспешен четврти даун за тачдаун, промашен филд-гол, неуспешна конверзија за два поени и неуспешно „хеил-мери“ додавање во последната секунда.
Од друга страна, за Бафало издоминира квотербекот Џош Ален со 324 освоени јарди со додавање од 26/35 обиди. Сепак, Ален не ја лимитираше својата игра само низ воздух, туку истрча дополнителни 54 јарди од 11 трчања со еден постигнат тачдаун.
Клучни фаќачи за победничкиот состав беа Стефон Дигс (6 фаќања за 128 јарди и еден тачдаун) и Габриел Дејвис (4 фаќања за 85 јарди). Освен Дигс и Ален, тачдаун за Бафало постигна и Досон Нокс. Останатите поени му припаднаа на шутерот Тајлер Бас, кој имаше стопроцентен учинок.
Кај Колтс, освен шутерот Родриго Бленкеншип, поентираа Џонатан Тејлор, Зек Паскал и Џек Дојл. Нивниот квотербек, Филип Риверс, имаше солидна партија со два уфрлени тачдауни и со 309 освоени јарди од 27/46 обиди.
📸 Jioforme
Во соработка со НФЛ Македонија



