Заостанатиот натпревар од седмото коло на овогодинешната сезона во италијанската одбојкарска Серија А, вчера го одиграа екипите на Пијаченца и на Вибо Валентија.
Домаќините од Емилија Ромања ја запишаа седмата врзана победа над Вибо Валентија, триумфирајќи со резултат од 3-1.
Вибо го доби првиот сет со 22-25, а во продолжение, Пијаченца се консолидира и ги освои наредните три со 27-25, со 25-20 и со 25-22.
Најефикасен во домашниот состав беше поранешниот играч на Перуџа, Арон Расел, со 22 постигнати поени и 74% успешност во нападот. Освен Американецот, двоцифрен беше и Георг Грозер со 13 поени.
Од редовите на Вибо, најмногу поени постигнаа Тибо Росар (19), Нето Абубакар (16) и Тори ДеФалко (15).
Овој меч не ја промени драстично ситуацијата на табелата, освен што ја доближи Пијаченца на четири поени заостаток во однос на денешниот ривал. Двете екипи ги заземаат четвртото и петтото место.
📸 Lega Volley