По вторпат во последните четири сезони, ЛА Ремс изборија пласман во Супер Боул.
Синоќа, во конференциското финале, Ремс ги поразија ривалите од Калифорнија, Сан Франциско 49ерс, со 20-17.
Домаќините поведоа со 7-0 во втората четвртина, а заклучно со третиот период, гостите стекнаа предност од 7-17.
Сепак, во последниот квартал, победниците направија серија од 13-0 за конечен триумф, а квотербекот на 49ерс, Џими Гарополо, уфрли пресечен пас во рацете на Тревин Хауард во последната минута.
Гарополо накрај го заврши мечот со 232 јарди од 16/30 комплетирања и со две додавања за тачдаун кон Дибо Самуел и кон Џорџ Китл.
На спротивната страна, Метју Стафорд уфрли 337 јарди од 31/45 прецизни обиди, два тачдауни и еден пресечен пас.
Играта низ воздух беше базата на триумфот на ,,Овните”, а како најуспешен фаќач се покажа Купер Кап, кој освен 142 јарди, постигна и два тачдауни.
Солиден учинок имаше и Одел Бекам Џуниор, кој не ја внесе топката во противничката енд-зона, но доби 113 јарди.
Во Супер Боул 56, ЛА Ремс, на својот ,,СоФи Стадиум” ќе ја пречекаат екипата на Синсинати Бенгалс, која ги надмина сите очекувања.
Во соработка со НФЛ Македонија