Утринава беа доделени првите медали на пливачките натпреварувања, а јунак на денот е пливачот од Тунис, Ахмед Хафнауи кој го освои златниот медал на 400 метри слободно. Денеска е соборен и првиот светски рекорд на ЛОИ во Токио, а тоа го сторија пливачките од Австралија на штафетата 4х100 метри слободно.
Австралиската штафета во состав Мег Херис, Ема Мекион и сестрите Бронте и Кејт Кембел во финалето испливаа 3:29.69 минути со што го соборија светскиот рекорд од 2018 година за речиси половина секунда. Среброто го освои Канада, додека бронзениот медал и припадна на штафетата на САД.
На финалната трка на 400 метри слободно во машка конкуренција младиот 18-годишен Тунижанец Ахмед Хафнауи успеа да ги изненади фаворитите и со одличен финиш да исплива до златниот медал. Хафнауи со триумфот на Игрите во Токио покажа дека Тунис има наследник на одличниот Усама Мелули кој до денеска беше единствен пливач од оваа земја кој освојувал олимписки медали. Хафнауи на крајот трката ја заврши во време од 3:43.36 минути, пред Џек Меклафлин од Австралија, додека бронзениот медал го освои Киран Смир од САД.
Причина за радост има и домаќинот на Игрите, откако во одлично финале во женска конкуренција на 400 метри мешано, Јуи Охаши во финишот практично им го зеде златниот медал на американските пливачки Вејант и Фликингер кои на крајот го освоија второто и третото место, додека легендарната Катинка Хосу остана без медал.
Пливачката репрезентација на САД сепак го освои првиот златен медал во пливање, на трката на 400 метри мешано во машка конкуренција најдобар беше Чејс Калиш пред сонародникот Џеј Литерленд додека бронзениот медал го освои пливачот од Австраија, Смит.
Сепка, најголемиот спектакл се случи на крајот од програмата кога женската штафета на Австралија на 4х100 метри слободно го собори сопствениот светски рекорд.