1.Кога за прв пат почуствува дека ќе се занимаваш со фудбал ?
Секогаш сум го сакала фудбалот од мојата најрана возраст, но клучниот момент за тоа дека ќе го изберам фудбалот беше кога при еден натпревар на школското игралиште не дозволив мојата екипа да прими ниту еден гол. Од тој ден почнав да верувам во себе и знаев дека морам да го искористам мојот талент.
2. Дали фудбалот е прва твоја љубов или имаше обиди да се занимаваш и со друг спорт ?
Фудбалот е мојата прва љубов, никогаш немам помислено да се занимавам со друг спорт иако ги почитувам сите спортови и исто така сум голем поддржувач на сите спортски активности.
3.Кој го откри твојот талент ?
Мојот талент го забележа прво мојот брат со кој секогаш се натпреварував, а ми помогна да се надоградувам низ годините мојот тренер Астрит Мерко.
4.Можеш ли да ни го доловиш впечатокот од првиот твој тренинг ?
Воодушевено девојче со цел да се натпреварува и да победува.Секогаш во моето сеќавање ќе биде запечатена глетката на големото зелено игралиште, топката и брзото отчукување на срцето.
5.Какви карактеристики треба да се поседува за твојата позиција?
Од моја страна еден бек треба да поседува одлучност, борбеност, брзина и најчесто одбрамбените играчи имаат способност да го прочитаат потегот на противникот.
6.Дали гледаш перспектива и напредок во блиска иднина како во клупскиот така и во репрезентативниот фудбал во Македонија ?
Јас сум секогаш оптимист, се надевам дека во иднина ќе се подобри квалитетот на лигата и клубовите ќе имаат поголема поддршка како финансиска така и морална. Интензивно се работи во последните години за подобрување на репрезентативниот фудбал во Македонија , да се надеваме дека тоа ќе вроди со успех во идинана.
7.Кои се амбициите на ЖФК Ас Јунајтед ?
Нашиот клуб е еден од најстарите женски клубови во Македонија. Низ годините успеавме да изградиме еден добар тим кој цели кон освојување на врвот во првата македонска лига и Купот на Македонија. Исто така работиме на создавање на следна генерација млади фудбалерки кои ќе бидат нашата сигурност во иднина.Се заблагодаруваме на бензиската “Besjani petrol” што не поддржува кон патот за остварување на нашите амбиции.
8.Имаш ли идол и омилен клуб ?
Од мојата шестта година сум верен поддржувач на Манчестер Јунајтед.Човекот што ме научи дека покрај тоа што фудбалот се игра со мозок, се игра и со срце и борбеност.Човекот што ја ставаше својата глава каде што некои не би ја ставиле ни својата нога- Немања Видиќ.
9. Има ли заинтересирани девојчиња во Македонија за фудбал и дали им советуваш да се занимaваат со овој спорт ?
Охрабрувачки е тоа што бројот на млади девојчиња заинтересирани за овој спорт е во пораст во последните години. За тоа придонесуваат проектите на ФФМ во соработка со ФИФА за достигнување на следниот степен на подобрување на условите за младите девојчиња. Во нашиот клуб бројот на млади девојчиња се повеќе се зголемува, зголемувајќи ја вредноста на клубот и обезбедувајќи ја иднината на клубот. Јас како долгогодишен играч на Ас Јунајтед им препорачувам на младите да го изберат фудбалот, покрај достигнувањата на теренот , со фудбалот се стекнуваат познаници и пријатели за цел живот.
10. Кои се твоите идни планови и каква порака ќе им испратиш на нашите верни читетели на Јависејужна.мк ?
Повеќе ја сакам сегашноста и тоа што се случува сега, но моите планови се да останам верна на Ас Јунајтед , да помогнам на младите девојчиња кои го избрале фудбалот и би сакала да го освоиме врвот со мојот клуб. Фудбалот е средство за подобрување на нашето физичко здравје и уште поважно на нашето ментално здравје. Голема благодарност до порталот Јависејужна.мк што го поддржува женскиот фудбал во Македонија и им овозможува на читателите да бидат во чекор со женскиот фудбал.За крај ќе дополнам само, ” И ДЕВОЈЧИЊАТА ИГРААТ ФУДБАЛ”. Ви благодарам.