1.Кога се роди љубовта кон кајакот ?
-Љубовта за кајак се роди далечната 1998 година кога заедно со моите школски другари за прв пат пробавме кајак во Велес покрај новиот мост Гемиџии. По одреден период тие прекинаа со кајак, а јас продолжив и останав до ден денес да се бавам со овој спорт.
2. Кој ти ги покажа тајните на кајакот, кој беше твојот прв ментор ?
– Моментално сум член во Кајак кану клубот Арка-Борец од Велес кој брои 30-на членови каде што воедно сум и тренер. Тајните на кајакот и почетокот на умешното справување со брзите и опасни бранови ги започнав во кајак клубот Вардар.
3.Какви карактеристики треба да поседува кајакарот ?
-Кајакарскиот спорт е доста напорен кој покрај физичката спремност потребна е и психичка подготвеност со голем фокус и добра концентрација.
4. Колку дисциплини и категории има кајакот како спорт ?
-Кајакот се дели на кајак во мирни и диви води каде во склоп на истите постојат следниве дисциплини: Спринт на диви води, спринт на мирни води, екстрим кајак, кајак поло, кајак слалом, stand up paddle (веслање на даска) кајак сурфски и рафтинг.
-Во Македонија се најзастапени спринт на диви води, кајакот на мирни води, кајак слалом и рафтингот кој е претежно застапен за туристи.
5. Дали Македонија, има доволно инфраструктура на ова поле и дали може да се подобри нешто во иднина ?
-Македонија освен патеката во СРЦ.Матка нема друга таква патека од таков тип во нашата држава. На истата и е потребна санација и модернизација за да ги следиме трендовите на останатите држави од светот па и регионот, ако сакаме да добиеме што е можно поподготвени натпреварувачи и поголеми успеси во кајакарскиот спорт сметам дека е потребно и изградба на кајак патека и во Велес каде што има одлични пред услови за истата.
6. Шампион си од Европскиот куп на спринт на диви води. Како стигна до успех што се беше потребно да направиш за овој голем успех ?
-Изминатите години почнувајќи од 2015 година во оваа дисциплина сум константен во топ 10 кајакари на европската ранг листа каде 2017 година бев најблиску за пласман помеѓу првите 3 места со пласман на 4-то место и недостаток од 3 бода за пласман на 3-та позиција во генерален пласман.
-После повеќегодишни напори и вложување на време и финансиски средства успеав да го освојам Европскиот куп за 2019 година и да станам првиот Македонец кој успеал во оваа дисциплина да го освои Европскиот куп во генерален пласман особено сум горд на постигнатиот успех бидејќи не добив никаква подршка од институциите во државата.
7. Има ли заинтересираност децата да се занимаваат и да ги откриваат тајните на кајакот ?
-Кајакарскиот спорт изминативе две до три години е доста распостранет и се повеќе млади започнуваат да се бават со овој спорт што е за поздравување. Пресреќен сум што покрај младите се јавува и интерес за кајак и кај постарите генерации да се занимаваат рекреативно со овој спорт.
8. Кои се твоите идни планови и каква порака ќе им испратиш на нашите верни читетели на јависејужна.мк ?
-Мојте планови за во иднина се да го повторам минатогодишниот успех и да успеам да се пласирам во топ 10 на Светската ранг листа.
-На читателите на јависејужна би им препорачал пред се да пробаат кајак и ги уверувам дека нема да останат само на проба, тие и во иднина ќе продолжат да јавуваат интерес за кајак можеби не за да се занимаваат професионално, но убеден сум дека ќе продолжат како рекреативци.