
Денес, на 138. седница на Меѓународниот Олимписки Комитет, одржана во Токио, беше одреден домаќинот на ЛОИ 2032.
Имено, главниот олимписки и главниот параолимписки настан, за единаесет години ќе се пресели во Бризбејн, Австралија.
Од сите присутни на седницата, право на глас немаа само претседателот Томас Бах (кој гласа доколку резултатот биде изедначен) и двајцата австралиски претставници – Џон Коутс и Џејмс Томкинс.
Бризбејн, како прв фаворит за домаќин на 35. Олимпијада, успешно ја доби посакуваната улога, откако односот на гласови изнесуваше 72-5 во негова корист.
Засега, според првичните планови, ЛОИ 2032 ќе траат од 23 јули до 8 август, а параолимпијадата од 24 август до 5 септември.
За Австралија, ова ќе биде трето домаќинство на ЛОИ, откако претходно го угости караванот во Мелбурн (1956) и во Сиднеј (2000).
Сојузната држава Квинсленд, чијшто главен град е токму Бризбејн, ќе биде доста зафатена во наредниот период бидејќи ќе биде домаќин на уште неколку настани: СП во женска кошарка (2022), СП во велосипедизам (2022) и СП во женски фудбал (2023).
Во меѓувреме, наредните две Летни Олимписки Игри ќе бидат ситуирани во Париз (2024) и во Лос Анџелес (2028).