Победа на македонските младинци на почетокот на Балканијадата По голема борба, со два сета на разлика, а всушност сите со тесен резултат, македонските репрезентативци до 20-годишна возраст го совладаа домаќинот Косово со 3:1 (25:22, 21:25, 28:26, 25:23) во првото коло на Балканското првенство во Приштина. Избраниците на селекторот Ванче Санев го издржаа притисокот во клучните моменти, направија предност на позиција среден блокер на којашто разлика направи Филип Савовски поддржан од Филип Лепидовски, ја потврдија фаворитската улога, а со тоа останаа во трка за високпласман на турнирот. Покрај центрите, во почетниот состав беа техничарот Давид Стојанов, коректорот Стојче Арсов, примачите Лука Костиќ и Блертон Бафтијари, а либеро играше Бојан Џамбазов. Во текот на натпреварот влегоа Тино Шулајковски, Ангел Бошков и Никола Младеновски.
Немаше изненадувања ниту во преостанатите средби на првиот ден од Балканијадата, па Турција во четири сета славеше над Црна Гора, а нашиот денешен противник Бугарија во три сета беше убедлива против Албанија. Тоа значи дека досегашните мечеви го потврдија реномето на репрезентациите, па доколку го добиеме денешниот дуел со Бугарија, тогаш медал ќе биде речиси завршена работа за црвено-жолтите.