1.Кога за прв пат почуствува дека ќе се занимаваш со фудбал ?
– Ги гледав моите другарчиња во маало и од љубопитност започнав со нив да играм и тој момент е пресуден за мојата идна професионална определба.
2.Кој го откри твојот талент ?

– Мојот талент го открија татко ми и мојот прв тренер Сретан Милошевски.
3.Кој е првиот тренер со кој имаш соработувано и од кој тренер најмногу научи ?
– Мојот прв тренер ми е Сретан Милошевски од Пробиштип, со кој воедно ја започнав мојата кариера. Најмногу научив од сегашниот селектор на женската македонска репрезентација Кирил Изов.
4.Можеш ли да ни го доловиш впечатокот од првиот твој тренинг ?
– Секогаш кога е нешто ново е тешко на почетокот, таков беше случајот и со мојот прв тренинг, а од друга страна секоја вежба ја гледав внимателно и ми беше забавно па уживав во секој момент од тренингот исто како и сега.

5.Настапуваш на позиција напаѓач. Какви карактеристики треба да се поседува за оваа позиција?
– Да играм на позиција напаѓач. На оваа позиција е потребна смиреност, брзо и рационално размислување за успешно решавање на тие ситуации пред да се постигне гол.
6. Имаш долгогодишна успешна кариера. Во кој клуб ги имаш најубавите сеќавања и успеси?
– Најголемите спортски успеси ги имам постигнато со српскиот клуб ЖФК Спартак Суботица, додека најубаво се чуствувам во сегашниот клуб Конак Беледиеспор од Турција.
– Инаку во текот на кариерата имам настапувано за следниве клубови: ЖФК Црешово Топче, ЖФК Борец, ЖФК Тиверија, ЖФК Истатов, ЖФК Драгон, а интернационалната кариера е составена од клубовите: Спартак Суботица од Србија, Брезница од Црна Гора, Јувентус Алстетен од Швајцарија и во Турција за тимовите на Бешикташ и Конак Беледиеспор.

7. Играше за великанот Бешикташ можеш ли да опишеш какво е тоа искуство ? Сега си во Конак Беледиеспор со какви амбиции е клубот ?
– Да се игра во таков великан е навистина големо задоволство, чест и причинува убаво чуство. Тој дел од кариерата засекогаш ќе биде во моите сеќавања. Оваа сезона со Конак ги загубивме шансите за шампионска титула, но ќе се потрудиме наредната сезона да ги оствариме амбициите да се искачиме на шампионскиот трон и да заиграме во Лига на шампиони после пауза од неколку години.
8.Имаш репрезентативно искуство. На кое ниво е женскиот клупски и репрезентативен фудбал во Македонија ?
– За оваа сезона незнам што точно се случува во лигата бидејќи сум надвор од случувањата, но кога се работи за репрезентативниот фудбал, има голем напредок и се виде по неколкуте резултати во последно време.

9. Има ли заинтересираност на девојките во Македонија да се занимаваат со фудбал и дали им советуваш да тренираат фудбал ?
– Заинтерисираноста од ден на ден се зголемува и мие многу мило и среќна сум поради тоа. Убаво е да има во што поголем број, бидејќи еден ден треба нас да не наследат. Ако се сака успех мора упорно да тренираат и да се посветат на тренингот.
10. За кој европски клуб сонуваш да заиграш и дали еден ден ќе те гледаме во Лигата на шампиони ?
– На ова сеуште немам одговор затоа што незнаеме што носи иднината, секако и јас сонувам и се надевам но се уште има време, јас се трудам да се придвижам кон целта која сум ја определила.

11.Кои се твоите идни планови и каква порака ќе им испратиш на нашите верни читатели на јависејужна.мк ?
– Посакувам здравје, па се останато, јас продолжувам со несмалено темпо во кариерата. На читателите им препорачувам да продолжат да ги следат и да ги читаат објавите на јависејужна.мк, бидејќи овој сајт нуди секогаш интересни и различни објави од останатите.










