
Денешната програма од Светското првенство во биатлон, одржано во Оберхоф (Германија), беше резервирана за двете потери.
Во машка конкуренција, својата доминација ја потврди Јоханес Тингнес Бо (33:34,5), кој го освои третото злато на мундијалот.
На подиумот позади него завршија Штурла Холм Лагреид (+1:11,2) и Себастијан Самуелсон (+1:54,1), а под две минути заостаток имаше само уште Тарјеи Бо (+1:57,3).
Кај жените, првото индивидуално светско злато го освои Жулија Симон (32:00,8), а шампионката од спринтот, Денизе Херман-Вик (+27,0), мораше да се задоволи со сребро поради четирите промашаи.
Со бронза од потерата замина Марте Олсбу Роиселанд (+37,7), а во првите петмина завршија уште Ингрид Ландмарк Тандерволд (+1:00,3) и Софија Шнајдер (+1:08,3).