На денешната олимписка програма во крос-кантри беа спринтовите во слободен стил во машка и во женска конкуренција.
Кај дамите, до првиот златен олимписки медал стигна Јона Сундлинг (3:09,68), која последната победа на големите натпреварувања ја имаше пред дури две години.
Нејзината сонародничка и лидерка во Светскиот куп во спринт, Маја Далквист (+2,88), се закити со сребро, а актуелната светска шампионка, Џеси Дигинс (+3,16), доби бронза.
Во финалето учествуваа уште Роузи Бренан (+4,49), Надин Фендрих (+7,21) и Ема Рибом (+11,11).
Во машка категорија, после голема борба, Јоханес Клебо (2:58,06) ја одбрани олимписката круна од Пјонгчанг 2018 пред старо-новиот вицешампион – Федерико Пелегрино (+0,26).
Светскиот јуниорски првак во спринт и победникот на првата трка во сезоната од Светскиот куп, Александер Теренцев (+1,31), го освои бронзениот медал.
Без пиедестал од финалната трка останаа Јони Меки (+2,12), Артјом Малцев (+3,59) и Оскар Свенсон (+6,17).
Македонскиот репрезентативец, Ставре Јада, го заврши својот настап во квалификациите и го зазеде 85. место.