
Поединечната трка на дваесет километри во биатлон на ЗОИ 2022 заврши во рацете на Квентин Фијо Маје.
Французинот (48:47,4) го освои првиот индивидуален олимписки златен медал и покрај двете промашени мети.
Втората позиција ја зазеде уште еден дебитант на олимпискиот пиедестал, Антон Смолски (+14,8), кој беше единствен стопроцентен во стрелачкиот дел заедно со Владислав Кирејев (25. место).
Смолски исто така и’ го донесе на Белорусија првото одличје на тековните Зимски олимписки игри.
Шампионот од Пјонгчанг 2018, Јоханес Тингнес Бо (+31,1), беше третопласиран на денешната трка со ист број на грешки како и новиот првак.
Првиот олимписки пиедестал во кариерата му побегна на Русинот Максим Цветков (+34,9) за неполни четири секунди, а пласманот во првите петмина го дополни Скот Гоу (+1:05,6).