По неверојатниот старт на сезоната со 11-0, екипата на Питсбург Стилерс синоќа го запиша вториот врзан пораз и падна на второто место во АФК.
Имено, Стилерс беа поразени од Бафало Билс со 26-15 на гостински терен за првпат после 1999. Клучен елемент за победата на Билс беше одбраната, којашто, освен минималниот број на допуштени поени, изнуди еден фамбл и пресече две додавања, од кои едното заврши со тачдаун на Тарон Џонсон.
Исто така, одбраната на домаќините го лимитираше најдобриот противнички тркач, Џејмс Конер, на само 18 јарди, односно најдобриот фаќач, Џуџу Смит-Шустер, на 55 јарди и еден тачдаун. Другиот тачдаун за поразениот состав го постигна Џејмс Вашингтон.
Од друга страна, конекцијата на Џош Ален и на Стефон Дигс во второто полувреме му донесе на Бафало еден тачдаун и 130 јарди. Другото полагање на нападот на Билс го освои Габриел Дејвис. Останатите поени ги придодаде Тајлер Бас со два филд-голови и со два екстра-поени.
Во соработка со НФЛ Македонија



