Англискиот клуб во рагби лиг, Ст. Хеленс, успешно ја одбрани титулата, односно стана шампион на Супер лигата по третпат во низа.
Ова достигнување претставува своевиден рекорд, поради фактот дека, освен „Светците“, само еден клуб успеал да ја освои шампионската круна во три последователни сезони – Лидс Рајнос (2007, 2008 и 2009).
Имено, во денешното финале на „Олд Трафорд“, Ст. Хеленс, во исклучително тврд, но и возбудлив меч, ги совладаа Каталанс Драгонс со 12-10.
Драгонс го отворија мечот со прецизен пенал на Џејмс Малоуни, кој до крајот на полувремето се запиша во листата на поентерите уште еднаш на ист начин.
Во меѓувреме, Кевин Наикама (14′) постигна еден есеј за старо-новите шампиони, а Лахлан Кут погоди еден казнет удар за предност на паузата од 6-4.
Во второто полувреме, полниот есеј на Мајк МекМикен (50′) и на Малоуни, им донесе ново водство на Каталанс, но во 66. минута, гореспоменатото дуо на Ст. Хеленс, Наикама и Кут, со иста мера ја вратија предноста во корист на англискиот состав.
Каталанс Драгонс го одиграа своето прво финале во историјата на Супер лигата, а воедно станаа и први финалисти во ова натпреварување, кои не потекнуваат од Англија.
Впрочем, „Змејовите“ доаѓаат од градот Перпињан во Франција, каде што во пресрет на полуфиналето, навивачите приредија вистински спектакл за своите миленици.