
Во вкупно 109. компетитивно дерби на шпанскиот регион Астурија, најголемите ривали од северот на Пиринејскиот Полуостров, Реал Овиедо и Спортинг Хихон, ремизираа со 1-1.
Имено, во деветтото коло на шпанската Сегунда, двете екипи го запишаа само четвртото меѓусебно реми во 21. век, односно второ на стадионот „Карлос Тартиере“ во Овиедо.
На мечот, гостите од Хихон го контролираа поседот на топката, но домаќините поведоа први со одличниот погодок со волеј на Лукас Аихадо (29′) на асистенција на Борха Санчез.
Водството на домаќините беше активно сè до седум минути пред крајот на мечот, кога конечниот резултат го постави Урош Ѓурѓевиќ (83′) по одличното проигрување од Франсиско Виљалба.
Откако Реал Овиедо се врати во второлигашкото друштво (од 2017), Спортинг Хихон има драстични потешкотии со игрите во астурското дерби.
На вкупно девет меѓусебни дуели оттогаш наваму, Овиедо има пет победи, додека „Црвено-белите“ славеа на само еден дуел, притоа ремизирајќи уште во три наврати.
Непосредно по денешниот натпревар, Спортинг го зазема второто место на табелата со бод заостаток во однос на првопласираната Алмерија, а клубот од Овиедо се наоѓа на седмата позиција, оддалечен само два поени од плејоф-зоната.



