Петтиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон во тековната сезона се одржува во германскиот Оберхоф, кој воедно е третата различна локација сезонава, после Контиолахти и Хохфилцен.
На денешната програма беа првите комбинирани штафети, со по четири, односно со по двајца натпреварувачи.
Во првата трка, вистинска сензација приредија Русите, односно Улијана Каишева, Светлана Миронова, Александер Логинов и Едуард Латипов (1:08:21,7), кои за само седум десетинки ги победија фаворизираните Норвежани (Ингрид Ландмарк Тандерволд, Марте Роиселанд, Јоханес Дале и Стурла Холм Лагреид).
На третото место (+12,1) заврши Франција, којашто настапи со: Ане Шевалие-Буше, Жистин Бреза-Буше, Фабиен Клод и Квентин Фијо Маје.
Во поединечната штафета, Емилиен Жакелан и Жулија Симон (39:04,8) им донесоа славје на Французите, а Швеѓаните Хана Оберг и Себастијан Самуелсон (+38,7) беа одлични на второто место. Лошото пукање беше кобно за Норвежаните, Тирил Екоф и Јоханес Тингнес Бо, кои накрај мораа да се задоволат со третата позиција (+43,9).
📸 TF-Images/Getty Images



