Според љубителите на НФЛ, несомнено, во дискусијата за најдобар квотербек во историјата ќе влезат Том Брејди и Арон Роџерс.
Токму нивните екипи се соочија во третото коло од новата сезона при што, Роџерс го запиша вториот триумф над Брејди, покрај трите порази.
Имено, Грин Беј Пекерс стигнаа до втората овосезонска победа, совладувајќи ги Тампа Беј Баканирс на гостински терен со 12-14.
Во првото полувреме, Пекерс ги постигнаа сите свои поени, а феноменалниот Роџерс имаше учинок од 12/13 прецизни додавања за 120 јарди и два тачдауни после првите дваесет минути.
Неговите уфрлувања за шест поени завршија во рацете на Ромео Дабс и на Ален Лазард, а двата екстра-поени ги погоди Мејсон Кросби.
Во вториот дел доминираа одбраните, а Баканирс постигнаа тачдаун преку Расел Кејџ Џуниор во последните четиринаесет секунди, но не успеаја да израмнат, откако не ја претворија конверзијата за два поени.
Квотербекот на домаќините, Том Брејди, го заврши мечот со 271 јард од 31/42 прецизни обиди и еден тачдаун, а Роџерс, накрај, имаше еден пресечен пас, две уфрлувања во енд-зоната и 255 јарди од 27/35 обиди за додавање.
Во Националната конференција, двете екипи го делат третото место со по две победи и по еден пораз во првите три рунди.