Првиот меч од овосезонското деветто коло во НФЛ беше реприза на последното полуфинале, бидејќи се соочија Сан Франциско 49ерс и Грин Беј Пекерс.
Имено, до победата стигнаа гостите од Висконсин, кои славеа со убедливи 17-34.
Во првите три четвртини, на теренот имаше само еден тим – Грин Беј.
Единствениот отпор, 49ерс го пружија при резултат од 0-7, кога постигнаа тачдаун, но истиот беше поништен и накрај се задоволија со филд-гол.
Во продолжение, Пекерс направија серија од 27-0 за стекнување на капитална предност од 3-34.
Најпрвиот тачдаун за Грин Беј го постигна Даванте Адамс, а во продолжение, топката во противничката енд-зона ја внесоа уште Мерседес Луис и Маркез Валдес-Скентлинг (х2). Освен нив, Мејсон Кросби погоди два филд-голови и успешно ги конвертира сите четири полагања за својот тим.
Во последната четвртина, односно во завршните пет минути, домаќините запишаа два почесни тачдауни на Ричи Џејмс и на Џерик МекКинон.
За Пекерс, ова е највисокиот број на постигнати поени во Сан Франциско после 13 декември 1959, кога славеле со 14-36.
Арон Роџерс (квотербекот на Грин Беј) издоминира на овој меч со 305 освоени јарди од 25/31 обиди за додавање.
Сепак, вреди да се напомене дека и двете екипи, особено Сан Франциско, дојдоа на овој меч со значително ослабен состав поради повреди и поради КОВИД-19.
После овој меч, Грин Беј (6-2) ја зазема третата, а Сан Франциско (4-5) – осмата позиција во Националната конференција.
Во соработка со НФЛ Македонија



