Во финалето на плејофот што го одлучува петтото место во Кинеската Супер Лига, силите ги одмерија Чонгкинг Лифан и Шандонг Луненг, кои денес го одиграа првиот натпревар.
Во полуфиналето, номиналните домаќини ги елиминираа Шангај Шенхуа со вкупен резултат од 4-3 после два натпревари, додека Шандонг беше подобар од Хебеи со вкупни 8-5, после продолженијата во вториот меч.
На денешната средба, Шандонг покажа подобра игра и поведе со 0-2 после првиот дел. Стрелци на головите беа поранешниот играч на Риека, Моизеш (3′) и Роџер Гуедеш (17′).
Уште во првата минута на вториот дел, екипата што потекнува од падините на планината Таи, поведе со 0-3 благодарение на Гуо Тианју.
Само неполна минута подоцна, Чонгкинг намали на 1-3, откако резервистот Хонглин Донг ја искористи грешката на ,,гостинската” одбрана.
Оттогаш почна консолидирањето на Лифан, кои четири минути подоцна постигнаа гол за 2-3, но истиот беше поништен поради претходен фаул уште во својата половина.
Сепак, фудбалерите на ,,домаќинот” не застанаа овде, туку до крајот, уште трипати ја затресоа мрежата на Хан Ронгзе за целосен пресврт и победа од 4-3.
Останатите три погодоци за Чонгкинг ги постигнаа тројцата Бразилци – Марсело (68′), Фернандињо (70′) и Марсињо (89′).
Составот што победи на денешната средба беше сметан за аутсајдер, пред сè поради составот на ,,гостите” што се состои и од неколку европски ѕвезди како Маруан Фелаини и Грацијано Пеле (кој не заигра денес).
Реваншот на овие две екипи е закажан за четири дена (10 ноември) во 08:30 часот по македонско време.



