
Чикаго Берс го запишаа петтиот пораз во низа, откако денес беа надиграни од Балтимор Рејвенс со 13-16.
Имено, Рејвенс дојдоа до вториот врзан триумф над Берс со тачдаунот на Девонта Фримен во последната минута.
Претходно, единствен поентер на победниците беше шутерот Џастин Такер со погодени 3/3 филд-голови.
Чикаго, иако губеше со 0-6, постигна два тачдауни преку Дарнел Муни и преку Маркис Гудвин, за да поведе во два наврати со 7-6 и со 13-9.
На квотербековската позиција на Чикаго, како стартер играше Енди Далтон, кој уфрли 201 јард и два тачдауни.
Од фаќачите, токму Муни и Гудвин беа најраздвижени низ теренот со одлични 121 и 104 освоени јарди.
Кај Рејвенс, наместо повредениот Ламар Џексон, како квотербек настапи Тајлер Хантли, кој освои 219 јарди и фрли едно пресечено додавање.
Со новиот триумф, Балтимор (7-3) изби на второто место во АФК, додека Берс (3-7) паднаа на претпоследната позиција во НФК.
Во соработка со НФЛ Македонија