Петтиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон во тековната сезона се одржува во германскиот Оберхоф, кој воедно е третата различна локација сезонава, после Контиолахти и Хохфилцен.
Во женскиот спринт, до четвртата овосезонска победа дојде Норвежанката Тирил Екоф (23:54,0), која успеа да ги отскија сите за над една минута, освен првите седум. На подиумот, за првпат во кариерата, се пласира Лиза Тереза Хаузер (+40,2), којашто беше трета, а како втора заврши Хана Оберг (+29,6). Под шеесет секунди заостануваа уште: Жулија Симон (+44,3), Марте Роиселанд (+52,6), Евгенија Павлова (+59,1) и Маркета Давидова (+59,7).
Во машка конкуренција, браќата Бо, Јоханес Тингнес (25:12,0) и Тарјеи (+10,8) ги освоија првите две позиции, а подиумот го комплетираше нивниот сонародник Стурла Холм Лагреид (+21,6).
За Јоханес Тингнес Бо, ова е вкупно јубилејната педесетта победа во индивидуална конкуренција во Светскиот куп. Пласман во првите пет изборија Италијанецот Лукас Хофер (+32,4) и Норвежанецот Јоханес Дале (+35,2).
📸 Richard Mille



