Првиот натпревар од дванаесеттото коло на тековната НРЛ сезона го одиграа Ст. Џорџ Илавара Драгонс и Саут Сиднеј Рабитохс. Двете екипи настапија со посебни дресови – потег кој го наметнува самата лига во ова коло, познато во Австралија како „indigenous round”, за оддавање почит кон Абориџините и кон другите австралиски староседелци.
Драгонс започнаа фуриозно стекнувајќи предност од 16-0 после само осумнаесет минути игра преку едниот есеј на Ејткен, двата есеи на Дафти и двете конверзии на Ломакс.
Од дваесеттата до педесеттата минута, Рабитохс направија пресврт за водство од 16-20 на почетокот на вториот дел. Латрел постигна осум од дваесетте поени, а освен него, преку есеј, поентираа и Вокер и Џонстон (х2). Во продолжение, Драгонс израмнија преку полагањето на Фрицел, а потоа следуваше нова мини-серија на Рабитохс од 12-0. Повторно поентираа истите три играчи – Латрел (конверзија и пенал), Вокер (со неговиот втор есеј на натпреварот) и Џонстон (со уште еден есеј за комплетирање на хет-трикот). Во последната минута, Равалава го намали заостатокот на Драгонс и го постави конечниот резултат од 24-32.
Со оваа победа, Рабитохс ја прекинаа серијата од два порази и скокнаа на осмото место. За Ст. Џорџ Илавара, ова е вториот пораз во низа, кој ги остави на единаесеттата позиција.