
Денешната програма од Светското првенство во биатлон во Оберхоф (Германија) беше исполнета со трката во сингл мешани штафети.
До очекувана победа дојде репрезентација на Норвешка (35:37,1) за која настапија Јоханес Тингнес Бо и Марте Олсбу Роиселанд.
На второто место се искачи Австрија (+13,8), односно Давид Коматц и Лиза Тереза Хаузер, кои не истрчаа ниеден дополнителен круг.
Со бронза, поради двата додатни круга, мораше да се задоволи Италија (+51,0), чиишто бои ги бранеа Томазо Џакомел и Лиза Витоци.
Сите останати селекции доцнеа повеќе од една минута, а во првите пет завршија уште Шведска (+1:16,4) и Франција (+1:21,9).