
На денешната програма во Оберхоф, Германија, во рамките на Светскиот куп во биатлон, беа првите овосезонски мешани штафетни трки.
Во првото натпреварување, односно во стандардната тимска штафета (4 × 7,5 км), Норвежаните (1:28:51,4) во потполност ја натскијаа конкуренцијата и изборија триумф.
На втората и на третата позиција завршија Белорусија (+23,1) и Франција (+2:01,3), а пласманот во првите пет го комплетираа Шведска (+2:08,4) и Русија (+2:08,9).
Норвешка дојде во најквалитетен состав на трката со: Тарјеи Бо, Јоханес Тингнес Бо, Ингрид Ландмарк Тандерволд и Марте Олсбу Роиселанд.
За Белорусија скијаа Микита Лабастау, Антон Смолски, Ѕинара Алимбекава и Хана Сола, додека за Франција настапија Антонан Жигона, Симон Дестио, Ане Бекон и Жулија Симон.
Второто натпреварување беше мешаната поединечна штафета, во која Русите Антон Бабиков и Кристина Резцова (41:37,1) го однесоа триумфот.
Втората позиција ја зазедоа Австријците Симон Едер и Лиза Тереза Хаузер (+41,5), а Артјом Тишченко и Дарја Блашко (+1:03,6) ги израдуваа Украинците со бронза.
Во продолжение, Белорусија, односно Ѕмитри Лазоуски и Елена Кручинкина (+1:15,2) и Шведска, односно Јеспер Нелин и Јохана Скотхајм (+1:23,6), го комплетираа пласманот во топ пет.




