Во финалето на НФК, одиграно на ,,Лембо Филд”, се соочија Грин Беј Пекерс и Тампа Беј Баканирс, предводени од, според многумина, најдобрите квотербекови на денешницата – Арон Роџерс и Том Брејди.
Во спектакуларен меч, исполнет со многу подеми и падови на двете страни, Баканирс успеаја да слават со 26-31 и да се пласираат во Супер Боул за првпат после шампионската сезона 2002/03.
Притоа, тимот од Флорида стана првиот во историјата на НФЛ што ќе се бори за титулата на својот домашен терен – ,,Рејмонд Џејмс Стадиум”.
Натпреварот започна со доминација на двата напади во првиот дел, кој заврши со 10-21 во корист на Тампа Беј.
За ,,Пиратите”, Мајк Еванс, Леонард Фурнет и Скот Милер беа поентерите преку тачдаун, постигнати со неверојатните додавања на Брејди.
Од друга страна, Пекерс запишаа еден тачдаун на Маркез Валдес-Скентлинг и вкупно четири дополнителни поени на шутерот Мејсон Кросби.
Тампа го започна второто полувреме со нова тачдаун-конекција на Брејди со своите фаќачи, односно со Камерон Брејт.
Во продолжение, Роберт Тонјан и Деванте Адамс запишаа полагање за домаќините, а Еквинејмиус Ст. Браун трагично ја испушти топката при конверзијата за два поени.
Во четвртата четвртина, Кросби и Рајан Сакоп погодија по еден филд-гол за поставување на конечниот резултат.
Двајцата квотербекови покажаа две контрадикторни лица на самите себе.
Имено, Роџерс уфрли 346 јарди и 3 тачдауни од 33/48 обиди, но имаше едно пресечено додавање и неколку важни грешки.
Брејди, пак, освои 280 јарди од 20/36 обиди со биланс на тачдауни и на пресечени пасови од 3-3.
Во Супер Боул, Баканирс ќе играат протов победникот на АФК, односно подобриот противник од дуелот помеѓу Канзас Сити Чифс и Бафало Билс.
Кога се во прашање и другите спортови, Флорида стана единствена сојузна држава на САД, после Пенсилванија во 1980, што имала финалист во секоја од четирите главни спортски лиги на северноамериканското тло во иста сезона.
Имено, Тампа Беј Рејс беа финалисти на МЛБ, Мајами Хит играа финале на НБА, а Тампа Беј Лајтнинг беа шампиони на НХЛ.
📸 Twitter: The Meridian Sports Show
Во соработка со НФЛ Македонија