Седмото издание на Светското Гранд При во снукер ја заокружи 2020 година.
Во неговото финале, силите ги одмерија Џад Трамп и Џек Лисовски за првпат во тековната година.
На патот до него, Лисовски ги елиминира Шон Марфи (4-2), Роберт Милкинс (4-0), Жао Чинтонг (5-3) и Марк Селби (6-4), додека Трамп беше поуспешен од Мајкл Холт (4-3), од Стјуарт Бингам (4-3), од Мартин Гулд (5-2) и од Рони О’Саливен (6-1).
Трамп одлично го започна и денешното финале. На паузата после осмиот фрејм, светскиот играч број еден имаше предност од 6-2.
Во вториот дел, Лисовски успеа значително да се приближи на 7-6, односно на 8-7. Сепак, накрај Трамп ја покажа својата квалитетна страна и успеа да триумфира со конечни 10-7.
За него, ова е трета титула на Светското Гранд При и вкупно дваесетта јубилејна рангирана титула во кариерата.



