
Последниот настан од олимписката програма во биатлон беше машката трка на петнаесет километри со масовен старт, која му припадна на Јоханес Тингнес Бо.
Норвежанецот (38:14,4) дојде до четвртото злато на ЗОИ 2022, откако беше најбрз на патеката и покрај четирите промашени мети.
За Норвешка, ова беше вкупно петнаесетто злато на ЗОИ 2022 што претставува нов рекорд за најмногу освоени први места на едни Зимски олимписки игри.
На второто место се пласираше Мартин Понсилуома (+40,3), односно скијачот со најдобар стрелачки учинок на патеката (18/20), кој го освои првиот олимписки медал.
Третото место му припадна на Норвежанецот Ветле Сјастад Кристијансен (+1:12,5), доаѓајќи до првото индивидуално одличје на ЗОИ.
Како четврт заврши Французинот Квентин Фијо Маје (+1:25,6), кој испушти шанса да стане првиот биатлонец со шест олимписки медали на шест трки, откако беше на подиум на сите од првите пет натпреварувања.
Пласманот во топ 5 го комплетираше Доминик Виндиш (+1:38,4), а под две минути доцнеа Стурла Холм Лагреид (+1:46,1) и Симон Едер (+1:56,4).