Првиот дел од новата сезона на Светскиот куп во биатлон заврши денес со трките по масовен старт во Гран-Борнар, Франција.
Кај мажите, по вторпат во кариерата триумфираше Јоханес Дале (35:02,2), кој го предводеше норвешкиот хет-трик во чиј состав беа уште Штурла Холм Лагреид (+0,3) и Јоханес Тингнес Бо (+10,6).
На четвртото место се пласираше Фабиен Клод (+17,2), а во првите петмина заврши уште Ветле Сјастад Кристијансен (+19,1).
Во женска конкуренција, до втората овосезонска победа дојде Лиза Тереза Хаузер (33:54,1), благодарение на последното стрелање.
Пиедесталот го комплетираа две домашни натпреварувачки, Жулија Симон (+12,3) и Ане Шевалие-Буше (+14,3), а зад нив заврши вчерашната победничка – Елвира Оберг (+15,8).