
Со триумфот од 9-12 после продолжение над Денвер Бронкос, Индијанаполис Колтс го отворија петтото коло од новата НФЛ сезона.
Овој натпревар, на Твитер се здоби со епитет како ,,најдосаден” во 2022, откако доминираа одбраните и на двете екипи, придружени со грешките во нападот и на двете страни.
Во текот на вкупните шеесет и четири минути не беше постигнат ниеден тачдаун, туку само седум филд-голови.
Трипати прецизно шутираше шутерот на домашниот состав, Брендон МекМанус, а четири погодоци и еден промашај имаше гостинскиот Чејс МекЛафлин.
Освен шутерите, прилично идентични статистики имаа и двајцата квотербекови – Расел Вилсон (21/39 додавања за 274 јарди и два пресечени пасови) од Денвер и Мет Рајан (26/41 прецизни обиди за 251 јард и две пресечени додавања) од Индијанаполис.
Во Американската конференција, Индијанаполис (2-1-2) скокна на четвртото место, а Денвер (2-3) падна на дванаесеттата позиција.