Сан Диего Падрес, синоќа ја запишаа втората врзана победа над Хјустон Астрос, а воедно и шестата во низа, откако славеа со убедливи 13-2.
Хјустон поведе во првиот ининг, но комплетно го загуби ритамот во продолжението на мечот. До крајот постигнаа само уште еден поен за којшто заслужен беше Тејлор Џонс со својот прв хоум-ран во МЛБ.
Од друга страна, Падрес постигнаа шест хоум-рани. Трент Гришам постигна дури три, а по еден запишаа Мани Машадо, Вил Мајерс и Џејк Кроненворт. Имено, хоум-ранот на Кроненворт беше вреден четири поени – ,,грен-слем”.
Падрес, со 17-12, ја заземаат втората позиција во Западната дивизија на Националната лига, додека Астрос се исто така второпласирани во Западната дивизија на Американската лига со 15-12.



