Втор викенд во низа, биатлонците од Светскиот куп ќе се натпреваруваат во германскиот Оберхоф.
По првите две женски штафети, во Контиолахти и во Хохфилцен, на денешната програма беше третата, а воедно и прва во 2021 година.
На истата, најбрз состав беше германскиот (1:14:31,5), составен од Ванеса Хинц, од Јанина Хетих, од Денизе Херман и од Франциска Пројс.
За женската германска биатлонска селекција, ова е прва победа после 8 февруари 2019 во Канмор, Канада.
На второто место се пласира Белорусија (+17,4), за којашто скијаа Ирина Крјуко, Ѕинара Алимбекава, Хана Сола и Елена Кручинкина.
Оваа европска држава се најде на подиум за првпат после 14 јануари 2015 во Рухполдинг, Германија.
Третата позиција ја освоија Швеѓанките (+35,7), односно Мона Брорсон, Лин Персон, Елвира Оберг и Хана Оберг.
Во продолжение следуваа: Русија (+42,5), Франција (+1:48,2), Чешка (+2:01,4), Норвешка (+2:45,5), Украина (+2:52,9), Австрија (+3:10,7) и Швајцарија (+3:17,1).
📸 Adam Pretty/Bongarts/Getty Images