На денешната програма во рамките на Светскиот куп во биатлон во германскиот Рухполдинг, беше одржан женскиот спринт на 7,5 километри.
На него, по победите во потера и во масовен старт, овосезонскиот хет-трик го комплетираше Елвира Оберг (19:45,2), која немаше ниедна промашена мета.
Со стопроцентен стрелачки учинок, на второто место се најде актуелната лидерка во генералниот пласман – Марте Олсбу Роиселанд (+21,6).
Шампионката од 2018/19 и од 2019/20, Доротеа Вирер (+29,7), ја освои третата позиција и се врати на пиедесталот за првпат после 19 март 2021 што воедно претставува и прв овосезонски медал за Италија.
Од друга страна, Белорусинката Ѕинара Алимбекава (+30,2) се пласираше како четврта и го загуби подиумот за само половина секунда.
На петтото место заврши Жистин Бреза-Буше (+40,0), а по неа, во топ 10, следуваа: Лиза Тереза Хаузер (+42,1), Ане Бекон (+48,2), Светлана Миронова (+50,9), Лин Персон (+55,9) и Мона Брорсон (+55,9).