
На 20 декември 2021, односно само еден ден после ремито од 2-2 против Бешикташ, Витор Переира доби отказ од тренерската позиција на Фенербахче.
Португалецот го остави истанбулскиот гигант на петтото место со четиринаесет поени заостаток во однос на лидерот Трабзонспор.
Како привремен менаџер, на местото на Переира застана Зеки Голе, кој забележа по една победа, едно реми и еден пораз во трите лигашки средби.
Од денес, официјално, на менаџерската позиција на Фенербахче беше назначен Исмаил Картал, кој, во играчката кариера, забележа 236 настапи за овој клуб.
Картал, откако заплива во тренерските води, беше тренер во младинските категории на Фенербахче, а како асистент помина уште шест години на клупата на тимот од Кадикој (1997-1999 и 2010-2014), заедно со уште една сезона како прв тренер (2014/15).
Во меѓувреме, шеесетгодишниот стратег промени вкупно дванаесет други средини низ Турција, од кои, последниот мандат го имаше во Конјаспор.
Од менаџерските достигнувања, најистакнати се второлигашката титула, освоена со Сивасспор (2004/05) и директната промоција во Супер лигата со Анкарагучу (2017/18).




