Тунис загуби со 1-0 од Мали во првиот меч од групата Ф на Африканскиот куп на нации.
Стрелец на единствениот погодок беше напаѓачот на норвешки Сарпсборг, Ибрахима Коне (48′), кој погоди од пенал на стартот на второто полувреме.
Во продолжение од мечот, пенал доби и Тунис, но ударот на Вахби Казри беше одбранет од голманот Ибрахим Мункоро.
Сепак, сите случувања на теренот беа засенети од контроверзното судење на Замбиецот Џани Сиказве, кој освен двата пенали, додели и еден црвен картон.
Имено, директно исклучување доби фудбалерот на Мали, Ел Билал Туре во 87. минута, односно само шест минути откако влезе во игра на местото на Муса Џенепо.
Поконтроверзно од овие одлуки беше и двојниот крај: Сиказве најпрво го означи финишот во 85. минута, а по поправката, го даде последниот свиреж во 89. минута.
Со новите три поени, Мали го зазеде првото место во групата Ф, каде што, исто така, се натпреваруваат Гамбија и Мавританија.