
Натпреварувачкиот викенд во Отепаа (Естонија) од Светскиот куп во биатлон се затвори со денешните мешани трки.
Во штафетата 4 х 7,5 километри, Норвешка (1:19:39,3) стигна до вториот овосезонски триумф, со исклучок на ЗОИ 2022, предводена од: Сиверт Гуторм Бакен, Ветле Сјастад Кристијансен, Тирил Екоф и Ингрид Ландмарк Тандерволд.
На второто место, за првпат на подиумот во цела сезона, се пласираше Шведска (+22,5), односно Јеспер Нелин, Мартин Понсилуома, Лин Персон и Елвира Оберг.
Освојувачите на олимпиското сребро, Франција (+34,6), се искачија на третата позиција во состав на: Симон Дестио, Квентин Фијо Маје, Клои Шевалие и Жистин Бреза-Буше.
Втората трка се состоеше од индивидуален микс спринт во кој, победата повторно ја однесоа Норвежаните (34:12,8) Стурла Холм Лагреид и Марте Олсбу Роиселанд.
Исто како и на првиот настан, Шведска (+12,4) се закити со уште едно сребро, благодарение на љубовниот пар – Себастијан Самуелсон и Хана Оберг.
Бронзата заврши на вратот на Германците Ерик Лесер и Франциска Пројс (+17,9), кои беа последни со заостаток под една минута.