
Канзас Сити Чифс, по вторпат во низа, загубија од ЛА Чарџерс на домашниот ,,Ероухед Стадиум”, откако во третото коло беа надиграни со 24-30.
Целиот меч беше проследен со неверојатна драматичност, која кулминираше во завршните три минути, кога и двете екипи сами си ,,пукаа во нога”.
Накрај, Чарџерс, иако не му веруваа на шутерот Тристан Визкаино, триумфираа со тачдаунот во последната минута на Мајк Вилијамс.
Токму Вилијамс беше играчот што им правеше најголеми проблеми на домашните дефанзивци, откако освои 122 јарди и постигна две полагања за шест поени.
Од неговите соиграчи, во листата на стрелците се запишаа Остин Екелер и Кинан Ален, а квотербекот Џастин Херберт освои 281 јард со додавање.
За Чифс, освен лошиот финиш, кобен беше и лошиот старт во кој направија два фамбли и едно пресечено додавање во првите три напади.
Шампионите од 2019/20 започнаа меч со три изгубени топки по ред за првпат после 10 декември 2000 против Каролина Пантерс.
Од домашниот состав, Патрик Махоумс уфрли 260 јарди и три тачдауни кон Џоу Фортсон, кон Клајд Едвардс-Хилер и кон Мекол Хардмен, кои заедно освоија севкупно 49 јарди.
После три кола, Чарџерс имаат две победи и еден пораз, додека Чифс поседуваат учинок од 1-2.
Во соработка со НФЛ Македонија



