
Ветле Сјастад Кристијансен ја запиша првата победа во Светскиот куп во својата кариера, откако беше најбрз на првата потера во Остерсунд, Шведска.
Норвежанецот ја заврши трката за време од 30:14,8 минути, оставајќи го зад себе победникот на последниот спринт, Себастијан Самуелсон (+9,8), кој имаше дури четири промашени мети.
Второпласираниот од спринтот, Емилиен Жакелан (+11,0) заврши на третото место, а во топ 5 се најдоа уште Михал Крчмар (+51,5) и Теро Сепала (+52,1).
Во женска конкуренција, на првата овосезонска штафета, најбрза беше Франција (1:10:30,3) за која скијаа Ане Шевалие-Буше, Ане Бекон, Жистин Бреза-Буше и Жулија Симон.
Ирина Лешчанка, Ѕинара Алимбекава, Хана Сола и Елена Кручинкина ја однесоа Белорусија (+57,9) на одличното второ место.
Битката за подиумот помеѓу скандинавските земји заврши во полза на Шведска (+1:09,6), која за само две десетинки ја претекна Норвешка (+1:09,8).
Швеѓанките, кои учествуваа на подиумот, беа Лин Персон, Мона Брорсон, Хана Оберг и Елвира Оберг, додека за Норвешка настапија Емилие Агхајм Калкенберг, Тирил Екоф, Ингрид Ландмарк Тандерволд и Марте Олсбу Роиселанд.