
Во увертирата на осмото коло од англискиот Чемпионшип, ВБА и Барнли ремизираа со 1-1 во трилер-натпревар.
Имено, избраниците на Винсент Компани ги надиграа ривалите од Вест Бромвич на гостински терен, но домаќините успеаја да освојат бод.
Стрелец во првото полувреме за Барнли беше искусниот Џеј Родригез (30′), кој погоди од белата точка и воедно го постигна првиот гол против ВБА во својата кариера.
Во 64. минута, во игра за ,,Кларетс” влезе македонскиот интернационалец, Дарко Чурлинов, наместо Нејтан Теља и внесе свежина во нападот.
Сепак, неговите соиграчи од одбраната не издржаа до самиот крај и примија погодок во завршницата на судиското продолжение.
Спасител за домаќините беше Брендон Томас-Асанте (90+8′), кој завчера потпиша за ВБА од Салфорд, а денес стрелаше на дебито за првпат во новата средина.
На табелата, со натпревар повеќе во однос на конкурентите, Барнли го држи второто, а ВБА – тринаесеттото место.