
Со оглед на фактот дека во петтото коло беа промашени рекордни тринаесет шутеви за екстра-поен, шутерите беа слаби алки во своите екипи.
Истата традиција се продолжи и на последниот меч од колото во кој Балтимор Рејвенс ги поразија Индијанаполис Колтс после продолжение со 31-25.
Главен трагичар за Колтс беше шутерот Родриго Бланкеншип, кој освен промашениот екстра-поен во третата, промаши и два решавачки филд-голови во четвртата четвртина.
Имено, после педесет минути игра, Колтс имаа навидум убедлива предност од 9-25, но во последниот квартал, Рејвенс постигнаа два тачдауни и две конверзии за два поени.
Избореното реми го однесе мечот во продолжение, каде што домаќините го комплетираа пресвртот со полагањето на Маркис Браун.
Браун ја внесе топката во противничката енд-зона двапати на мечот и освои вкупно 125 јарди со фаќање.
Подобар натпревар од него одигра само тајт-ендот Марк Ендрус, кој беше ,,виновен” за сите клучни поентирања на Балтимор во последната четвртина, притоа освојувајќи 147 јарди со 11 фаќања.
Домашниот квотербек, Ламар Џексон, беше најдобар тркач на својот тим со 62 јарди, а притоа уфрли четири тачдауни и 442 јарди со 37/43 обиди за додавање.
На спротивната страна, Карсон Вентц имаше 402 јарди и два тачдауни од 25/35 прецизни подавања.
Од неговите соиграчи, најистакнат беше Џонатан Тејлор со две полагања и со вкупно 169 освоени јарди, а уште еден тачдаун запиша Мајкл Питман Џуниор.
На табелата на АФК, Балтимор, со учинок од 4-1, го дели првото место со Бафало Билс и со ЛА Чарџерс, додека Индијанаполис (1-4) се спушти на дванаесеттата позиција.
Во соработка со НФЛ Македонија