
Вториот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање се одвива во рускиот олимписки град – Сочи.
Истиот беше отворен со трката во машки дубл на која триумфираа браќата од Летонија – Андрис и Јурис Шикс (1:39,783).
Првопласираните после првата серија, Русите Андреј Богданов и Јуриј Прохорков, го завршија настапот на домашно тло на второто место (+0,120).
Подиумот го комплетираше германското дуо од Тобијас Вендл и од Тобијас Арлт (+0,229), а веднаш потоа се пласираа нивните сонародници Тони Егерт и Саша Бенекен (+0,234).
Од останатите парови, помалку од една секунда заостануваа уште Александр Денисев/Владислав Антонов (0,607) и Робин Гојке/Давид Гам (+0,870).
Браќата Шикс беа третопласирани на првата трка во Јанкинг и со денешното отсуство на актуелните шампиони, Томас Штој и Лоренц Колер, го презедоа водството во генералниот пласман.