
Првиот овосезонски слалом од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција се одржа во францускиот ски-центар – Вал д’Изер.
После неверојатен расплет на настаните, деветтата победа во кариерата ја запиша домашниот скијач – Клеман Ноел (1:30,52).
На второто место, за првпат во својот живот, се најде Швеѓанецот Кристофер Јакобсен (+1,40), кој напредна четири позиции во однос на првата серија.
Последниот пат кога Шведска освоила подиум во Светскиот куп датира токму од Вал д’Изер пред две години, кога второпласиран беше Андре Мирер.
Најдобриот пласман во кариерата во слалом и воедно јубилејниот десетти пиедестал го запиша Хрватот Филип Зубчиќ (+1,85).
Во првите десетмина завршија уште седум скијачи, од кои дури четворица се радуваа на натпросечен пласман.
Пласманот од четвртото до десеттото место го комплетираа: Даниел Јул (+1,89), Дејв Рајдинг (+1,90), Себастијан Фос-Солевааг (+1,99), Арманд Маршан (+2,02), Атле Ли МекГрат (+2,15), Џулијано Рацоли (+2,17) и Лукас Браатен (+2,50).
Во листата за најголеми трагичари спаѓаат дури четири скијачи, кои останаа без пласман, иако беа во топ 10 после првата серија.
Имено, Алекс Винатцер имаше сè во свои раце за освојување на подиум, но ја промаши последната капија, а исти грешки во претходните сектори направија Мануел Фелер, Танги Неф и Сандро Симоне.