По вчерашните спринтови, на денешната програма во Давос, во рамките на Светскиот куп во крос-кантри, беа трките на дистанца.
Мажите се тркаа на петнаесет километри, а својата доминација ја потврдија Норвежаните, кои освоија пет од првите шест места.
На победа се радуваше Симен Хегштад Кругер (32:30,4), пред сонародникот Јоханес Клебо (+22,9), а честа на Русите ја одбрани третопласираниот Сергеј Устиугов (+27,2).
Харалд Остберг Амундсен (+32,0), Ханс Кристер Холунд (+33,7) и Сјур Роте (+38,3) беа останатите Норвежани, кои завршија при врвот на поредокот.
Во овосезонската елитна светска конкуренција дебитираше и македонскиот скијач, Ставре Јада (+5:30,0), кој го зазеде 97. место.
Кај дамите, на десет километри, фаворитската улога ја потврди Терезе Јохауг (23:40,1), која славеше по 79. пат во кариерата.
Актуелната шампионка, Џеси Дигинс (+14,5) го освои второто место, а на третата позиција се најде водечката во генералниот пласман – Фрида Карлсон (+17,1).
Од другите конкурентки, помалку од половина минута доцнеа Роузи Бренан (+24,3), Хајди Венг (+26,6), Хајли Свирбул (+27,7), Делфин Клодел (+28,3) и Ингрид Флугштад Остберг (+28,4).