
Екипата на Торки Јунајтед дојде на само чекор од враќањето во англиската професионална елита за првпат после 2013/14, откако во полуфиналето на плејофот на Националната лига славеше со 4-2 после продолженија над Нотс Каунти.
Во регуларниот дел, Торки двапати водеше, благодарение на Дени Рајт, кој погоди во 35. секунда и во 48. минута.
Со двата погодоци, Англичанецот дојде до единаесет голови сезонава и покрај тоа што два месеци беше надвор од теренот.
Од друга страна, гостите од Нотингем двапати израмнија за да изборат продолженија, со головите на Рубен Родригеш (39′) и на Адам Чиксен (51′).
Во дополнителниот период, домаќините уште двапати ја затресоа мрежата на Сем Слокомб преку капитенот Аса Хол (101′) и преку искусниот Дин Мокси (105+4′ од пенал).
Во четврт-финалната фаза од плејофот, Нотс Каунти го елиминираше Честерфилд (3-2), додека Торки имаше слободен викенд бидејќи беше второпласиран после регуларната сезона.
Во големото финале, денешните победници ќе се соочат со подобриот состав од второто полуфинале помеѓу Стокпорт и Хартлпул.