Во четврт-финалето на австралиската А-Лига, силите ги одмерија третопласираните Централ Коуст Маринерс и шестиот клуб – Мекартур ФК.
Покрај сите аутсајдерски предвидувања, накрај, во полуфиналето се квалификуваше Мекартур, кој славеше со 0-2 после продолженија.
Освен со домашните навивачи, гостите мораа да се справат и со недостигот на фудбалери на теренот, откако Џејмс Мередит доби директен црвен картон во 75. минута.
Во дополнителниот период, ,,Биковите” двапати ја затресоа мрежата на Марк Биригити, искористувајќи ги единствените два шутеви во рамките на голот.
Стрелци за победничкиот состав беа поранешниот член на Маринерс, Чарлс М’Момбва (93′) и 18-годишниот Мајкл Рус (120+1′).
Имено, за Мекартур, кој е основан во 2017, ова е одличен тек на првата историска сезона во А-Лигата.
Во полуфиналето, претставниците на Сиднеј ќе налетаат на најдобриот тим после регуларната сезона, односно на актуелниот вицешампион – Мелбурн Сити.