1.Кога за прв пат се запозна со одбојкарската игра ?
– Со одбојкарската игра за прв пат се запознав во 2010 година кога започнав да тренирам и настапувам во струмичкиот клуб ОК Македонија Макс.
2.Кој е твојот прв одбојкарски ментор и како изгледаше твојот прв тренинг ?
– Мојот прв одбојкарски ментор е татко ми, Кирил Ричлиев кој е добро познат на спортската јавност како играч, но и како тренер на машкиот одбојкарски клуб ОК Струмица Џио.
3.Кои карактеристики треба да ги поседува една одбојкарка? По што се одликува твојата игра на терен ?
– Јас мислам една одбојкарка најпрво треба да има висина за да го игра овој спорт, но исто така треба да поседува и техника за да може да напредува во различните елементи во одбојката. Мојата игра на терен се одликува по движењата и пред се одлучноста и мотивацијата која ја давам на мојот тим во текот на играта.
4.На која позиција настапуваш и кои карактеристики и квалитети се потребни за твојата позиција?
– Настапувам на позиција техничар, што значи дека јас носам одлука каде и преку кој ќе се одвива нападот. За оваа позиција потребна е брзина и прецизност.
5.За кои клубови имаш настапувано во твојата кариера ?
– Матичен клуб ми е екипата на Македонија Макс, потоа имам настапувано во повеќе земји меѓу кои за: Волејро од Италија, во Турција за екипите на Бујукчекмеџе и Орду Турк Телеком, Миелек од Полска и за косовски Скендерај. Од оваа сезона го прифатив предизвикот од Данска каде ќе настапувам за клубот ВК Вестјеланд.
6. Дали сметаш дека македонската женска одбојка има перспектива и дали им советуваш на девојчињата да спортуваат одбојка ?
– Сметам дека одбојката е најпопуларен женски спорт во Македонија и сум среќна поради тој факт и мислам дека има перспектива и јас сум убедена дека девојчињата кои што се занимаваат со одбојка дека ќе имаат голема желба за работа и успех. Да, им советувам да тренираат одбојка затоа што би сакала да искусат како е да се биде дел од колективен спорт и со тоа ќе можат повеќе да се запознаат и научат за себеси и за другите.
7. Имаш ли освоени награди и постигнувања на кои си горда ?
– Горда сум со постигнувањето со екипата на Скендерај од Косово оваа сезона каде што го освоивме Купот, а имавме доста тешки противници.
8. Кој е твој идол во одбојката ?
– Да бидам искрена идол ми е татко ми. Од него го наследив талентот за играње одбојка и морам да кажам дека сме многу поврзани. Тој ми е најдобар пример како треба да се тренира, игра и како да се однесува еден играч на терен. Имам уште што многу да научам од него и сум му благодарна за тоа.
9.На кое ниво е одбојката во Македонија на клупски и репрезентативен план во однос на останатите европски земји ?
– За разлика од останатите европски земји и на клупски и на репрезентативен план заостануваме, но се надевам дека во блиска иднина мојата генерација ќе успее да направи некоја позитивна промена и ќе се појават таленти за одбојка, кои што ќе сакаат да бидат успешни.
10. Дали можеш нешто повеќе да ни кажеш за твојот нов предизвик во кариерата и трансферот во дански ОК Вестјеланд ?
– Ова е нешто ново за мене и напредок во мојата кариера. Многу сум среќна и едвај чекам да ги запознаам новите соиграчи и тренерот и исто така сум возбудена што ќе престојувам во една од најубавите држави, како што е Данска.
11. Кои се твоите идни планови и каква порака ќе им испратиш на нашите верни читатели на јависејужна.мк ?
– Во иднина се надевам и сакам да постигнам уште поголеми успеси на професионално ниво. Редовно читајте ги најновите спортски новости од јависејужна.мк и подржувајте ги македонските спортисти до нови успеси.