Третиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во крос-кантри се одржуваше во германскиот град Дрезден. На денешната програма беа тимските спринтови во машка и во женска конкуренција.
Кај дамите, вчерашната победничка, Надине Фендрих, заедно со Лорен ван дер Грааф, им донесе славје на Швајцарците со време од 16:38,34. Веднаш позади нив, Јулија Ступак и Наталија Непрјаева (+0,32) освоија второ место за Русија, а подиумот го комплетираше Словенија (+1,12), составена од Ева Уревц и од Анамарија Лампич. Американките Џеси Дигинс и Софи Колдвел, неочекувано за помалку од две секунди го испуштија подиумот.
Во машката конкуренција, првиот тим на Русија, Александер Болшунов и Глеб Ретивих, стигна до победата (15:01,14), речиси во фото-финиш завршница. Второто место го зазеде првиот тим на Франција (+0,2), составен од Ришар Жув и Лука Шанава, а Италијанците Франческо Де Фабијани и Федерико Пелегрино (+0,6) се пласираа на третото место.